
Во првиот сегмент на средбата што беше од затворен карактер, се разговараше за предизвиците во управувањето со отпадот, при што министерот Нуредини ја презентираше новата легислатива и државна стратегија за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад ориентирани кон циркуларната економија. Тој ја истакна потребата за соработка на регионално ниво за развој на преработувачките и рециклирачки гранки во управувањето со отпадот, како и иновативните пристапи во користењето на секундарните суровини, како и придобивките на економијата од обем и размената на знаења и добра пракса.
Сесијата фокусирана на оваа тема беше затворена со усвојување на Заедничка изјава за соработка во одржливото управување со отпадот во ЦЕИ регионот.
Втората сесија е отворена за јавноста и посветена на управувањето и заштитата на водите, а посебно односите помеѓу земјите кои делат прекугранични водни тела, промоцијата на одржливиот развој и градењето на отпорност на општествата и животната средина.