Министерот за животна средина и просторно плaнирање Насерт Нуредини оствари работна средба со ново назначениот вршител на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела.
Фокусот на разговорите беше на подготвеноста на државата за процесот на преговори за влез во Европската Унија, конкретно за Поглавјето 27 – животна средина и клима, при што директорката Матуела истакна дека Брисел ги препознава напорите на државата и посветеноста за постигнување на европските вредности.
Министерот Нуредини информираше за активностите што Министерството за животна средина и просторно планирање интензивно ги спроведува во изминатиот период и тоа во неколку сегменти значајни за остварување на европската зелена агенда.
„Во однос на законската регулатива што ја уредува областа животна средина, во последната година вложивме многу напори и таа е сѐ поблиска до европската, со што нашата обврска во тој дел се исполнува“ истакна министерот Нуредини.
На средбата се разговараше за реализацијата на големите инфраструктурни проекти и искористености на достапните финансиски средства од од ИПА II програмата. Министерот информираше за напредокот на реформите во секторот води, како и за проектите за изградба на пречистителни станици за општините Кичево, Битола и Тетово, за колекторскиот ситем за Град Скопје, како и за напредокот во воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад во Источниот и Севроисточниот Регион. Стана збор и за проектирање на ИПА 3 Програмата, но и за предизвиците со кои се соочува Министерството не само во процесот на искористување на европските средства наменети за поддршка на државите во предпристапниот период, туку и во целосното имплементирање на започнатите проекти. Министерот Нуредини истакна дека во изминатата година доста се работеше во надминување на слабостите и во изнаоѓање на решенија преку зајакнување на административните капацитети и доекипирање на стручните служби.
Покрај другото, Нуредини нагласи дека сме отидени чекор понапред и пристапивме кон користење на други дополнителни финансиски средства преку користење на отоворени кредитни линии, што покажува дека како држава веќе сме подготвени сами да инвенстираме во животната средина и во подобрување на квалитетот на нашите граѓани.