(20.11.2018г.) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули оствари средба со претставничката на Светската здравствена организација (СЗО) во Република Македонија, д-р Жихан Тавила.
На состанокот, на кој присуствуваа и д-р Бојан Бошковски, националниот СЗО координатор и Маргарита Спасеновска претставник од канцеларијата на СЗО, беше разговарано за креирање на заедничка платформа за активности на Министерството за животна средина и Министерството за здравство.
Во таа насока, заменик министерот Макрадули информираше за остварување на мерките и акцискиот план за намалување на загадувањето на воздухот – “Планот за чист воздух”, истакнувајќи дека Владата за прв пат определи посебна ставка за поддршка на мерките во предлогот за Буџетот на Република Македонија за 2019 година.
Макрадули изрази уверување дека планот за чист воздух ќе ги даде очекуваните резултати, а со крајна цел намалување на аерозагадување и заштита на здравјето на граѓаните.
Претставничката на Светската здравствена организација во Република Македонија, ја поздрави одлуката и ја истакна подготвеноста за натамошно унапредување на соработката во насока на спроведување на стандардите на СЗО.