Денеска, во повеќе општини во државата, како и во цела Европа, започна одбележувањето на Европската недела на мобилност (од 16-22 септември), која оваа година се организира на тема „Пешачи со нас – Сигурно пешачење и возење велосипед“.
Како национален координатор, Министерството за животна средина и просторно планирање, покрај градовите од кои секој поодделно се носители и организатори на активностите во своите урбани средини, ги поканува и сите граѓани, невладини организации, општествено одговорни компании и целиот цивилен сектор во нашата држава, да се приклучат во оваа европска кампања. На тој начин се упатува силна порака дека со мудро одбирање на начинот на секојдневен транспорт, го заштедуваме домашниот буџет, го подобруваме нашето здравје, воедно ја заштитуваме животната средина и го намалуваме загадувањето од транспортот.
Како информација, минатата година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 2792 града низ цела Европа и светот, а оваа година веќе на стартот на неделата се пријавени 2823 учесници.
До денес, за учество во одбележување на Европската недела на мобилност 2019 во Северна Македонија, покрај Градот Скопје, се вклучија градовите Велес, Гевгелија, Тетово, Битола, Штип, Неготино, Кочани, Струмица, Охрид, Прилеп, Крива Паланка, Лозово и скопските општини Шуто Оризари и Карпош, а останатите градови сеуште имаат можат да се пријават.
Во текот на неделата градовите пријавија различни активности од промоција на нови паметни и иновативни сообраќајни решенија, нови технологии или мерки за планирање на урбаниот транспорт со што ќе се намали употребата на автомобили и индиректно ќе се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот или со едноставно одбележување на Денот без автомобили со затварање на главните улици за сообраќај и организирање на велосипедско дефиле.
Партнери во активностите се Европската Делегација во РСМ и ЕУ Инфо центарот во Скопје.