(17.10.2019 г.) Делегација на Министерството за животна средина и просторно планирање, предводена од министерот Насер Нуредини учествуваше на Самитот за води, кој од од 15 до 17 октомври се одржуваше во Будимпешта, Унгарија. Централна тема на овогодинешниот Самит беше препознавање на преземените чекори, кои не се доволни за спречување на ескалација на кризата за вода, како природен ресурс што има огромно влијание на нашата сегашност и иднина.
Во рамките на престојот во Будимпешта, министерот Нуредини оствари повеќе официјални средби на највисоко ниво. На средбата со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петар Сијарто се разговараше за поддршката на Унгарија за Република Северна Македонија за добивање датум за предпристапните преговори, како и за континуирана соработка во областа на заштита на животната средина со особен акцент на управување со води, бидејќи Република Северна Македонија и Унгарија имаат потпишано во 2015 г. меморандум за соработка на полето на управување со води помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија и Министерството за рурален развој на Унгарија.
Министерот Нуредини се сретна и со постојаниот претставник на Швајцарска Конфедерација во Организација за храна и земјоделие на ОН, Пио Венубст, со кој разговорите беа во насока на значајната поддршка од страна на Швајцарската Конфердерација за заштита на животната средина и управување со водите, како и за проширување на истата. Остварена беше и средба со заменик претседателот на ОН Води, Олкаи Унвер и регионалниот директор за Југоисточна Европа на Организацијата за храна и земјоделие на ОН, Владимир Рахмањин на која беше презентирана програмската рамка за животна средина и можностите за соработка во овој ресор.
Средба се оствари и со Кире Илиоски, директор на канцеларијата на извршниот секретар при УНЕЦЕ, при што се разговараше за активностите на РСМ во рамките на УНЕЦЕ Конвенциите. Истотака, тема на разговор беше и 3-тиот ЕПР подготвен од УНЕЦЕ експерти од соодветните области, кој ке биде преставен на јавноста во ноември оваа година.
На Самитот за води министерот Нуредини, исто така го посети и Саемот каде што оствари бројни контакти со компании за иновативни еко технологии.