(22.07.2015г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири денеска говореше на неформалниот министерски состанок на министрите за животна средина на ЕУ, што во рамките на Луксембуршкото претседателство со Советот на ЕУ, се одржува во Луксембург.
Во своето обраќање, министерот Изаири ги сподели досегашните искуства на нашата држава поврзани со имплементацијата и финансирањето на проекти од областа на климатските промени, наведувајќи ги и активностите кои се предложени во националните документи на Р. Македонија, а кои се однесуваат на истата проблематика.
Тој истакна дека во финансирањето на проектите во Р. Македонија кои се однесуваат на климатските промени, највисока сума на донации, 34.4%, се обезбедени преку Европската Унија и нејзините програми. Обединетите Нации преку нивните програми и организации допринесоа со 11.1% во вкупното финансирање, а Глобалниот фонд за животна средина контрибуираше 9% од целокупната финасиска конструкција на проектите.
Понатаму, Министерот Изаири се осврна на заклучоците добиени врз основа на сите 422 анализирани проекти:
– Институциите покажуваат се поголема ангажираност во афирмирањето и превенирањето од опасностите кои ги носат климатските промени и истите се препознаени и се на врвот на агендата на локалната и централната власт;
– Вкупниот број на завршени проекти, кои директно или индиректно ја подобруваат отпорноста на нашата земја во борбата против климатските промени, е респектабилно висок;
– Сѐ поголемо внимание посветуваме на реализацијата на што поголем број на прекугранични проекти;
– Нашето искуство говори дека најдобри резултати може да се постигнат само со искрена соработка помеѓу сите засегнати страни.
Резултатите од следењето на имплементацијата и анализата на добиените конкретни бенефити од имплементацијата на проектите чиј корисник е локалната власт, покажаа дека е потребно да се посвети поголемо внимание на енергетската ефикасност, дека е неопходно зголемување на користењето на обновливи извори на енергија, како и дека е потребно создавање на услови за алтернативни начини на превоз. Поголем акцент мора да се стави на превенција, ублажување и адаптација на ефектите од климатските промени и низа други мерки и активности каде што е идентификуван простор за подобрување на резултатите од имплементацијата на реализираните проекти. Оваа анализа особено се однесува на објектите и инсталациите кои се под контрола на централната и локалната власт.
– Локалните жители преку организирање на работилници, со печатење на едукативни материјали и примена на разни стимулативни мерки, треба да се поттикнуваат да бидат проактивни и одблиску запознаени со мерките кои ги предлага и спроведува централната и локалната власт. Бидејки само со целосна посветеност на сите засегнати чинители ќе успееме да ги реализираме нашите заеднички цели – додаде Изаири.
Во однос на економските можности за создавање на работни места поврзани со зелениот развој, министерот истакна дека во македонски услови, во 2030 година може да се очекува отворање на приближно 6000 „зелени“ работни места, а воедно потребно е да се направи и проценка на придобивките од спроведувањето на стратегиите за климатски акции и од воспоставената соработка помеѓу релевантните чинители.