Министерот Изаири на научен форум за Климатски промени и Македонија

DSC_0653-stul

Mинистерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири се обрати на отварањето на научниот форум: КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ И МАКЕДОНИЈА, што денеска се одржуваше во Ректоратот на Универзитетот за Југоисточна Европа во Тетово.

По тој повод министерот Изаири истакна:

„Дозволете ми во името на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и во свое име, да го изразам задоволството што ја имам можноста да се обратам на овој Форум наменет за подигнување на знаењата за климатските промени и да ја реафирмирам соработката која нашето Министерство ја негува со Универзитетот на Југо-источна Европа повеќе години наназад.

Нашето Министерство, со поддршка на италијанското Министерство за животна средина, територија и море, му помогна на овој Универзитет во спроведувањето на проектот за ниско-емисионен универзитетски кампус, преку спроведување на акциски план за климатски промени, кој претставуваше првичен пример во поширокиот регион а и надвор од него, и имаше повеќекратен бенефит: придонес кон постигнување јаглеродно независни институции; образование и пораст на знаењата за можностите за примена на ниско-јаглеродни и иновативни технологии пријателски кон животната средина.

Климатските промени бараат еколошки иновативни пристапи и технологии. Еко-иновациите ќе станат клучни за економскиот пораст, конкурентноста и вработувањето. Клучот за креирање на нови работни места, економски пораст и добробитта на населението во Европа е во ефикасните еколошки иновации што бара високи стандарди за заштита на животната средина. Справувањето со климатските промени се еден од највисоките приоритети на ЕУ, кој ја има и лидерската улога во меѓународните преговори за идниот климатски договор. Сметаме дека со приклучувањето на нашата држава кон овие заложби на ЕУ, ќе се обезбеди економски пораст кој истовремено нема да ја нарушува животната средина.

Министерството за животна средина и просторно планирање, како национален координатор за климатски промени, континуирано работи на исполнување на своите обврски од Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени и постепено усогласување на своето законодавство со тоа на ЕУ.

Како држава која не припаѓа во групата на високо индустријализирани земји, Република Македонија ги дели само заедничките обврски на сите земји-страни кон Конвенцијата што подразбира изработка и доставување на национални извештаи за климатски промени со поглавја за: национален инвентар на стакленички гасови, климатски сценарија, идентификација на најранливите сектори кон климатските промени со предлог мерки за нивна адаптација, проекции и мерки за намалување на климатските промени, истражување и развој, образование и јавна свест,трансфер на технологии. Владата на Република Македонија досега усвои три национални планови за климатски промени (во 2003 г., 2008г и јануари 2014 г.).

Нашите тековни активности се насочени кон испорачување на т.н национални контрибуции за намалување на климатските промени, кои треба да ги доставиме до ООН и ЕУ до второто тромесечие идната година, а во пресрет на Самитот за климатски промени во Париз 2015 година.Прелиминарни анализи се направени во рамките на Третиот Национален план за климатски промени. Во согласност со Националната Програма за усвојување на правото на ЕУ, планирана е изработка на политички документ (policy paper), кој ќе се изработи со поддршка на  Истражувачкиот центар за одржлив развој и енергетика при МАНУ и  УНДП и ГТЗ.

Со поддршка на Владата на Норвешка, работиме и на постепено градење на капацитетите за воведување на Европската шема за тргување со емисиите на стакленичките гасови, на кое претходеше изработка на Патоказ за спроведување на Директивите на ЕУ за трговија со емисии и мониторинг механизмот.

Испланирани се изработката на Долгорочна стратегија и Закон за климатска акција во рамките на ИПА ТАИБ 2012.

Нашата улога на национален координатор за климатски промени ја остваруваме и преку вградување на политиките на климатските промени во останатите секторски политики (здравството, земјоделството, енергетиката). Ние во министерството за животна средина и просторно планирање, во академската заедница гледаме партнер во реализирањето на активностите од областа климатски промени, која е многу комплексна и бара партнерства со различни засегнати страни.

Од друга страна, одговорноста за здрава животна средина и намалени климатски промени е на сите, така што министерството апелира за одговорен однос на секој поединец. Единствено здружени,  делејќи заедничка цел за подобро и поздраво утре можеме да постигнеме резултат“.

Форумоте во организација на Институтот за животна средина и здравје и имаше за цел согледување и актуализација на состојбите со климатските промени во случајот на Република Македонија. Поздравни обраќања имаа и ректорот на Унивезитетот  проф. д-р Замир Дика како и италијанскиот амбасадор  во Македонија, Ернесто Масимино Белели.Научни излагања имаа еминентни професори, а на крајот на Форумот беа претставени резултатите од научните истражувања на студентите од последипломски студии од областа на животната средина и климатските промени.

Служба за информирање