(22.01.2016) Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири и градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески, денеска, во просториите на општината, остварија работна средба на која беше разгледан степенот на реализација на проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води за градот Прилеп и беа договорени активностите за интензивирање на динамиката на работата. Констатирано е дека и покрај извесен степен на доцнење на градежните работи, сепак со новиот план на активности и со интензивирање на работите на терен, реално е да се очекува завршување на изградбата на пречистителната станица до крајот на 2016 година.
Договорот за градба на пречистителната станица во Прилеп е финансиран 85% преку ИПА, додека 15% се кофинансирани од домашниот буџет.
За соодветна функција на пречистителната станица склучени се и ИПА договори кои се однесуваат на рехабилитација, проширување и надзор на канализацијата. Во декември 2015г. се започна со имплементација на втората фаза на рехабилитација на канализационата мрежа. Вкупната сума на договорите за пречистителната станица и двете фази за рехабилитација и проширување на канализациониот систем во Прилеп изнесува 25.111.408,13 евра.
Во рамките на посетата беше направен увид на текот на градежните активности на локацијата каде што се гради пречистителната станица.