МЖСПП ќе работи на плановите за безбедност на вода усогласени со ЕУ Директивата за вода за пиење

TAIEX_makraduli_1(16.07.2019г.) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирањеЈани Макрадули ја отвори работилницата на тема:Планови за безбедност на вода за пиење од Директивата за вода за пиење,која денес и утре се одржува во Скопје.

Целта на работилницата е да се пренесат искуства за зајакнување на административниот капацитет на Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на плановите за безбедност на водата за пиење, за алатките за добро управување со квалитет и систематски пристап за подобрување и одржување на безбедноста на водата, како и за тековните и потенцијалните идни обврски.

Експертите од Италија (Italian Institute of Health) и Португалија (Aguas de Portugal) ги презентираа клучните елементи за транспонирање на последните измени на Директивата за вода за пиење (DWD), нагласувајќи ја важноста на националните услови.

Според заменик министерот Макрадули, важноста на работилницата е што содржински нуди подршка на јавната администрација во однос на приближувањето, примената и спроведувањето на законодавството на ЕУ, олеснување во спроведувањето на најдобрите практики на Европската унија и разработува теми кои во извештајот на Европската Комисија се нагласени како полиња на кои треба засилено да се работи.

– Уверен сум дека овие два дена ќе придонесат за размена на искуства во областа за управување со водите со посебен акцент на сознанијата за тековните активностите кои се спроведуваат во институциите, како и оние кои се планираат во иднина, а имаат за цел целосно транспонирање, но и имплементирање на европското законодавство во делот на водата во нашата држава – истакна Макрадули во своето воведно обраќање, додавајќи дека спроведувањето на значајни проекти во подобрувањето на снабдувањето со вода и одведувањето на отпадните води создаваат услови за подобра заштита на животната средина и подигнување на стандардот на живеење на граѓаните во нашата држава.

Работилницата е во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање со финансиска поддршка од Инструментот за претпристапна помош на Европската комисија – TAIEX.