Во текот на вчерашниот ден министерот Нуредини одржа средба со новоименуваниот в.д. директор на Дрисла – Скопје ДОО, Коста Начевски, на која беше разговарано за првичните негови согледувања за затекнатата фактичка состојба на теренот на депонијата, односно видот, потеклото, количините и начинот на третирањето на отпадот, како и предизвиците во управувањето со претпријатието. На средбата беше договорено дека Министерот ќе оствари посета на Дрисла до крајот на работната недела. Дрисла ќе ја посетат и стручните лица од MЖСПП и Државниот инспекторат за животна средина, но Директорот ќе ги отвори вратите за увид во состојбите и за претставници од невладиниот сектор, со цел обезбедување транспарентост и контрола на работењето преку вклучување на сите релевантни чинители и јавноста. Посебен фокус за време на разговорите беше даден на статусот на реализација на инвестициските активности од оперативниот план на депонијата, со цел унапредување на процесот на третман на отпад, третманот на медицинскиот отпад, трeтманот на депонискиот гас, обезбедување на секундарната селекција, намалување на количините на отстранет отпад и, пред сè, спречување на штетните влијанија врз медиумите на животната средина.
Министерот Нуредини оствари координативна средба и со директорот на Царинската Управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски, на која детално беа разговарани начините на вршењето на надзор врз количините на увезен, транзитиран и извезен отпад на територијата на земјата. Притоа беа разгледани моменталните пракси на спроведување контрола, како и донесени заклучоци за преземање активности за зајакнување на соработката помеѓу стручните служби во Министерството, Царината и инспекциските служби, преку прецизна регулација на процедурите за соработка, известување и вршење надзор над пратките на отпадот.
Министерството во моментов работи на проверка и ажурирање на податоците во однос на видот и количините на увезен, извезен и транзитиран отпад низ територијата на Република Северна Македонија, односно регистрите со правни лица кои поседуваат дозволи за оваа намена. Истите ќе бидат споделени со јавноста во најкус можен рок. Во меѓувреме укажуваме дека согласно постојниот закон, во земјата е дозволен единствено увозот на отпад што може безбедно: да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, да се користи како суровина или да се користи како извор на енергија (согласно ЕУ карактеризациите за алтернативни горива).
МЖСПП: Координирани и засилени активности за справување со отпадот
јануари 28, 2020