21.12.2020, Скопје – Министерство за животна средина и просторно планирање и Сојуз на стопански комори на Македонија, денес склучија меморандум за соработка, препознавајќи ја важноста на меѓусебната соработка и едновремено итноста да се обезбедат ефективни решенија за заеднички еколошки прашања кои ја поддржуваат потребата за одржлив развој.
Целта на меморандумот е да се интензивира соработката за заштита на животната средина на национално ниво, а врз основа на потребата за унапредување на корпоративната одговорност и отчетност во областа на животната средина, како и за понатамошно унапредување на националната и меѓународнарегулатива за претпријатијата.
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска истакна дека ќе се спроведе кампања со учество намалите и средни претпријатија, со цел преземање на мерливи и директни активности за справување со климатските промени, за заштита и унапредување на животната средина.
“Важно е да покренеме нови иницијативи насочени кон воспоставување рамка за соработка помеѓу приватниот сектор, јавниот сектор и граѓанското општество. Оваа соработка ќе овозможи подигање на колективната и индивидуалната свест за влијанието на загадувањето врз животната средина и работа кон развој на сериозен пристап за исполнување на обврските за заштита на животната средина. Најважно е што за прв пат иницијативата за намалување на загадувањето ќе ја насочиме кон иницирање саморегулација на претпријатијата со високо ниво на свесност, а не единствено со досегашниот пристап преку примена на репресивни мерки” изјави Арсовска.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини посочи дека двете институции ќе промовираат воспоставување, проширување и зајакнување на заемно корисна соработка со цел заштита на животната средина.
„Соработката со стопанствениците ја сметаме за исклучително важна, земајќи ја предвид нивната улога во прилагодувањето кон и исполнувањето на целите за заштита на животната средина, одржлив развој, како и трансформацијата кон циркуларна економија. Подобрата информираност и поинтензивна вклученост на малите и средни претпријатија во примената на почисти технологии и развивањето на поеколошки практики, како и поголемата свесност на сите нас за сопствениот удел, носи поголема посветеност и придонес во заедничките напори за постигнување на стандардите за животна средина кон кои се стремиме “ рече Нуредини.
Двете институции здружено ќе делуваат преку активности за соработка за спречување на загадувањето, еко едукација, креирање политики и заеднички напори за подигање на јавната свест за важноста на овие политики, за овозможување поквалитетен живот и здравје на граѓаните.