Министерот за животна средина и просторно плнирање Садула Дураки, денес и утре присуствува на Меѓународната конференција за заштита на животната средина (IREMCON III) која на тема “Борба против глобалните климатски промени и зајакнување на меѓународната соработка во управувањето со отпадот ” се одржува во Истанбул.
На Конференцијата присуствуваат голем број владини и општински функционери, академици, менаџери на највисоко ниво и извршни директори на компании за управување со отпад од земјите од Балканот, со цел да ги споделат своите искуства и да разговараат за потенцијалните проекти и инвестициските можности.
Министерот Дураки во поздравното обраќање на Конференцијата ја истакна важноста на темата за сите земји во регионот и на глобално ниво, нагласувајќи дека очекува претставниците на земјите учеснички да ја споделат својата административна и оперативна експертиза и да создадат добра клима за нови потенцијални проекти и нови можности за инвестирање во практично применливи решенија за управување со отпадот со кои воедно ќе ги исполниме и глобалните цели за справување со климатските промени.
Целите на IREMCON – Меѓународната конференција за животна средина е да се споделат знаењата, искуствата и успесите за рециклирање, обновување и повторна употреба во различни текови на отпад и да се дадат економски оценки, инвестициски можности и средства за поддршка од меѓународните кооперации.
IREMCON III се одржува во Истанбул ЕКСПО ЦЕНТАР и е во корелација со саемот на ИФАТ Евроазија 2019година (водечки саем на Евроазија за технологии во животната средина), а со поддршка на Министерството за животна средина и урбанизација на Република Турција.