(13.09.2019) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во Варшава, Полска, учествуваше на конференција за „Региони на јаглен во транзиција и енергетска заедница“организирана од Европската енергетска Заедница и полското претседателство на COP24.
Притоа, заменик министерот ја истакна решеноста на Владата на Република Северна Македонија да биде лидер во енергетската транзиција, со инвестиции во обновливи извори и целосна гасификација на државата.
Тој дополнително нагласи и дека борбата за намалување на аерозагадувањето е клучен двигател во енергетската транзиција, бидејќи инвестициите во рамки на имплементацијата на Планот за чист воздух придонесуваат за зголемена енергетска ефикасност, намалување на потребите од енергија и замена на нееколошките извори на затоплување.
Во однос на имплементацијата на поглавјето „Just transition“ од Парискиот договор, замeник министерот ја претстави политиката на масовни инвестиции во фотоволтаици, особено во местата каде во минатото имало рудници на јаглен, како што е примерот со рудниците околу ТЕЦ Осломеј.