(22.09.2015.) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и раководителот на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во РМ, Мартин Клауке, учествуваа во големото велосипедско дефиле што се возеше низ скопските улици по повод меѓународниот Ден без автомобили и на завршниот настан од Европската недела на мобилност кој се организираше во Градскиот Парк.
Неколку илјади граѓани, ученици, рекреативци и вљубеници во велосипедизмот,денеска во Скопје имаа можност, по главните скопски собраќајници да ја извозат маршрутата во должина од 10 километри-од Порта Македонија до кружниот тек во Влае. Дефилето заврши на бината Школка во Градскиот Парк каде учесниците ја проследија забавната програма во чии рамки, по пат на лотарија, беа доделени 20 велосипеди.
– Со задоволство можам да кажам дека оваа година бројката на вклучени градови од Македонија е рекордна. Денеска, во 15 градови во Македонија, во 1700 градови од Европа, во вкупно 42 држави се одбележува Денот без автомобили, нагласи заменик министерот Темелковски во поздравното обраќање.
При тоа, тој додаде дека во текот на сите 365 дена од годината треба да сме свесни дека автомобилите треба да се користат одговорно, дека треба да го правиме вистинскиот избор на начинот на транспорт и дека треба да ги користиме предностите на современиот урбан начин на живеење водејќи сметка за животната средина и загадувањето што го произведуваме.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски потсети дека интензивно се работи на остварување на тригодишниот план со кој до 2017г. целата територија на Скопје ќе биде поврзана со велосипедски патеки.
Европската недела на мобилност, под слоганот „Избери. Промени. Комбинирај.“се одржа од 16-22 септември, под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање како национален координатор, при што во одбележувањето се вклучија 15 градови низ целата држава, а сите активности во главниот град беа реализирани од Градот Скопје во соработка со Делегацијата на ЕУ во Македонија и ЕУ Инфо Центарот, Скопје.
Денот без автомобили се реализираше и во Велес, Берово, Пехчево, Битола, Штип, Неготино, Кочани, Нов Дојран, Струмица, Прилеп, Охрид, Кичево, Крива Паланка и Куманово