Денеска, на локација во близина на село Мојанци се постави камен – темелник на пречистителната станица за отпадни води за градот Кочани.
– Во рамките на овој проект, преку изградба на пречистителна станица за отпадни води и главен канализациски колектор реката Брегалница ќе биде заштитена од загадувањето предизвикано од отпадните води од градот Кочани. Паралелно, Јавното комунално претпријатие “Водовод” ќе ги зајакне своите управувачки, технички и институционални капацитети. Со тоа, за жителите на градот и околните населби кои се опфатени со водоводниот и канализацискиот систем, некаде околу 40 000 евидентирани корисници, како и за дополнителни 200 000 жители кои гравитираат по течението на реката Брегалница ќе обезбедиме поквалитетни животни стандарди и поздрава животна средина – истакна министерот Дураки во поздравното обраќање. Дураки нагласи дека со изградбата на станицата за третман на отпадни води не само што ќе заштитат водите на р. Брегалница и ќе зголеми нивото на заштита на здрвјето на населението, туку ќе се подобрат и условите за производство на земјоделски производи бидејќи ќе се обезбеди наводнување на земјоделските култури со вода со подобар квалитет.
Проектот е во вредност од 23 милиони швајцарски франци од кои главните финансиски средства во висина од 21 милион швајцарски франци или 91 % од вкупната вредност на проектот ги обезбди Швајцарија преку Државниот секретаријат за економски прашања (SECO). Останатите 2 милиони швајцарски франци се локална контрибуција во парични и непарични средства од Министерството за животна средина и просторно планирање, Општината Кочани и Јавното комунално претпријатие “Водовод”. На настанот присуствуваше и заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, градоначалникот на о. Кочани, Ратко Димитровски, како и амбасадорот на Швајцарија во Р. Македонија, Н.Е. Сибил Зутер Техада.