Министерството за животна средина и просторно планирање по повод 22 Март- Светскиот ден на водите ќе организира Конференција на тема „Водата и отпадните води“која ќе се одржи на 22 март 2017 година, во хотелот Холидеј Ин, во Скопје, од 10:00 до 14:00 часот.
Главните цели на овој настан се зголемување на свеста за важноста на одржливиот начин на искористување на водата како скапоцен ресурс, намалувањето на употребата и повторната употреба на отпадните води, како и подобрување на животниот циклус на водата за секое живо суштество. Конференцијата е организирана во рамките на сеопфатна реформа во секторот за вода што ќе се спроведува во следните години во државата.
На присутните ќе им се обратат неколку клучни говорници на следните теми:
- Меѓузависност помеѓу водата и отпадните води во потрага за одржлив развој,
- Поддршката на ЕУ за подобрување на управувањето со вода и изградба на капацитети за третман на отпадните води во државата,
- Економската регулација – нов пристап за поставување на тарифи за водните услуги,
- Третман на отпадни води – предизвици и научени лекции,
- Пат кон воспоставување на услугите за вода систем на поврат на трошоците,
- Состојбата и перспективите за јавните комунални претпријатија, организациски и финансиски реструктурирања,
- Подобро планирање на инвестициите во секторот за води како предуслов за мобилизирање на ресурси.
Агендата на конференцијата предвидува панел дискусија и мотивациски говори “H2O Зошто се грижиме” од страна на две регионално познати личности.