Министерството за животна средина и просторно планирање ја потсетува јавноста дека од 1 декември 2021 г. (среда) стапува на сила на обврската за наплата на кесите за носење стоки од новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување.
Овој Закон предвидува:
– Се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Северна Македонија.
– Се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Република Северна Македонија.
– По исклучок од ставот (1) на овој член, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Република Северна Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки ( чијшто дебелина е пониска од 15 микрони).
– Надоместокот кој треба да го плаќаат крајните корисници од ставот (3) на овој член за биоразградливите кеси за носење на стоки изнесува 15 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба ( надоместокот е со вклучен ДДВ).
– Целта на овој Закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано врз принципот „ загадувачот плаќа“.
– Производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост. Напоменуваме дека стандардите за биоразградливост беа воведени уште во претходниот Закон, а пропишани во 2013г.
Новиот правилник за стандардите за биоразградливост е донесен и се очекува неговото објавување во наредниот број на Службен весник на Република Северна Македонија. До неговото стапување на сила важи постојниот Правилник.