Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска, на 25 јули, во Општина Охрид, ја координираше работата на изработката на Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион. Овој План е исклучително важен заради тоа што во една од препораките на УНЕСКО се бара да се прогласи мораториум на градби во Охридскиот регион до неговото усвојување.
Работната група за изработка на Планот од составена од претставници на Управата за заштита на културното наследство, тимот на Министерството за животна средина и просторно планирање, претставници на Општина Охрид, Хидробиолошкиот завод, Јавното комунално претпријатие за управување со отпад и здружението на граѓани СОС Охрид, координирана од Петровска се договори за натамошниот тек на доработка на Планот. Акцентот беше ставен на утврдување на постојниот и идниот урбан развој на Општината со цел воспоставување на заштитни зони и намалување на крајбрежната трансформација. До септември работната група интензивно ќе работи со претставниците на општините и другите засегнати страни. Потоа ќе започне јавната консултација во која ќе се вклучат и претставници на надлежните институции од Албанија заради прекуграничниот карактер на заштитеното подрачје.
Согласно Заклучок на Владата на Република Северна Македонија, Планот треба да биде доставен за усвојување најдоцна до 3 декември 2019 година.