(30.06.2015) – Прогласувањето на Шар Планина за национален парк треба да се разбере како намера за обезбедување развој и унапредување на целокупната состојба и потенцијал на нејзините природни вредности, но исто така и обезбедување правилно управување и одржливо искористување. Самата заштита не треба да ја сфатиме како пречка за локалното насление, туку како можност, и тоа за модерно организирање на селата околу Паркот, развој на традиционалното земјоделство, но и вклучување во туристичките активности – истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, во своето воведно обраќање на јавната презентација на активностите за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје, што денеска се одржа на Институтот за животна средина и здравје при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Карактеризирајќи ја Шар Планина како подрачје од висок национален интерес, со многубројни природни вредности и искучително богат биодиверзитет, министерот Изаири додаде дека прашањето за прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје (национален парк) повторно е актуелизирано и е приоритет во Програмата на Владата на Република Македонија (2014 – 2018г).
На настанот беше презентиран проектот на Министерството за животна средина и просторно планирање „Постигнување заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирањето на намената на земјиштето“, кој се спроведува со поддршка на УНЕП, канцеларија во Виена, а финансиски е поддржан од Глобалниот Еколошки Фонд (ГЕФ). Приоритите во овој проект се дефинирани во двата проекти што Министерството за животна средина и просторно планирање, со поддршка на ГЕФ и УНЕП, ги реализираше во изминативе две години, а се во завршна фаза – Стратегија со Акциски план за биолошка разновидност и Национален Акциски План за борба против опустинувањето и одржливо управување со земјиштето. Една од крајните цели на проектот е да се зголеми процентот на заштитени подрачја од 9% до 12% во што голем удел ќе има и прогласувањето на Шар Планина .
Меѓу другите на настанот присуствуваа и Теута Арифи, градионачалник на општина Тетово, Томас Мајкл Баер, амбасадор на Австрија, видни претставници од научната јавност, градоначалници и претставници на општините кои гравитираат кон оваа подрачје, претставници на невладини организации и медиуми. Настанот беше организиран со цел сите засегнати страни, уште во раната фаза, да се вклучат во активностите што ги презема Министерството и Владата на Република Македонија во однос на заштита на Шар Планина.
Со воведен збор на настанот се обратија и ректорот на Универзитет за Југоисточна Европа, проф. д-р Замир Дика, како и претставникот од канцеларија на УНЕП во Виена, Пјер Карло Сандеи.