(22.03.2015г.) По повод 22 март – Светски ден на водите, граѓанската асоцијација 4х4х4 Балкански мостови од Македонија ја спроведе акцијата за прекугранично чистење на речното корито на реката Лепенец, кон која од македонска страна се приклучија министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, а од косовската, заменик министерот за животна средина Ферат Шала и градоначалниците на Качаник, Витина, Урошевац и Генерал Јанковиќ.
Чистејќи го речното корито на реката Лепенец од двете страни на македонско-косовскиот граничен премин Блаце, од екологистите беше упатена силна порака дека за заштитата на заедничките природни добра потребна е добра соработка и координација на активностите и на владините институции но и на локалните самоуправи и на локалното население.
– Она што би сакал да го подвлечам е дека еден од приоритетите на Владата на Р. Македонија, а пред се на Министерството за животна средина и просторно планирање во областа на животната средина е заштита на водните ресурси и интегрирано управување со речните сливови за што се неопходни заеднички, осмислени и планирани активности и мерки на сите државни, јавни и невладини организации, но и добра прекугранична соработка бидејќи само на тој начин можеме да оствариме одржив развој на речните системи кои ги споделуваме. Можам да кажам дека ние како ресорно министерство имаме воспоставено добра соработка со државите со кои делиме заеднички природни добра. Потврда за тоа се активностите за заштита на Дримскиот Басен, Преспа Паркот, заштита на Охридското Езеро, а еве сега и заштита на реката Лепенец- истакна министерот за животна средина Нурхан Изаири изразувајќи задоволство што вакви регионални иницијативи покренуваат и граѓански асоцијации.
Инаку, акцијата е дел од проектот „Развој на ЕНВ.нет во Западен Балкан и Турција: гласот на граѓаните за нивно влијание на процесот на реформи за животната средина за што поскора интеграција во ЕУ“, поддржан од страна на Европската комисија, а чии партнери се граѓански асцијации од Албанија, Косово, Македонија, Србија и Турција.