(20.12.2019 г.) Денеска, во министерството за финансии беа потпишани пет договори за проектот ”Изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје”со што е затворена финансиската конструкција за реализација на изградбата на пречистителна станица за отпадни води (ПСОВ) за градот Скопје, како еден од најголемите еколошки проекти досега реализирани во Република Северна Македонија.
Беше потпишан финансиски договор помеѓу РСМ и Европската инвестициона банка (ЕИБ), договор за грант помеѓу МЖСПП и ЕИБ, проектен договор помеѓу ЈП ”Водовод и канализација”, Град Скопје и ЕИБ, потоа договор за заем помеѓу РСМ и Европската банка за однова и развој (ЕБОР) и проектен договор помеѓу ЈП ”Водовод и канализација”, Град Скопје и ЕБОР.
Целта на Проектот е да се даде значаен и мерлив придонес за подобрување на животната средина во градот Скопје, да се подобри квалитетот на комуналните услуги за третман на отпадни води, односно да се подобри ефикасноста во третманот на отпадни води, прочистувањето и елиминацијата на милта со цел достигнување на европските стандарди за квалитет на водите.
Mинистерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во своето обраќање по повод потпишувањето на договорите, изразувајќи благодарност за довербата и поддршката на ЕИБ и ЕБРД и на сите институции и поединци кои напорно работеа овој проект да стане реалност истакна дека, министерството за животна средина и просторно планирање иницираше значителна реформа во секторот води во последниве години, насочена кон обезбедување одржливо управување со водите, преку изградба на пречистителни станици за собирање и третман на отпадните води, со што значително придонесовме за заштита и зачувување на водните ресурси.
– Со поддршка на Европската унија за прв пат во Република Северна Македонија успешно заврши изградбата на пречистителните станици за отпадни води во Прилеп, Радовиш, Струмица и Кичево. Пречистителни станици за отпадни води во Гевгелија и Кочани, исто такабеа изградени со билатерална помош. Ние сме посветени и наскоро да започнеме со изградба на ПСОВ во градовите Битола и Тетово, кои се предвидени за финансирање во рамките на ИПА 2 инструментот. Подготвивме техничка документација за Велес, и Штип, проекти кои планираме да ги отпочнеме во блиска иднина, рече Нуредини.
Воедно министерот информираше дека изградбата на пречистителната станица за отпадни води за Град Скопје, го следи проектот за подобрување на инфраструктурата за собирање на отпадни води во градот Скопје, финансиран од ЕУ, а спроведуван од Министерството за животна средина и просторно планирање, со што во целост ќе ги заокружиме нашите напори за решавање на проблемот со отпадните води во главниот град.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Нуредини, во однос на Маршот за чист воздух #Зелена револуција, организиран од граѓанските здруженија, истакна дека поддржува секаква иницијатива која е во насока на подигнување на јавната свест потецирајќи дека сите заедно треба да работиме за подобрување на условите за живот на сите граѓани. Внимателно и континуирано го следиме квалитетот на воздухот и смево координација со локалната самоуправа со цел ублажување на состојбатасо загадениот воздух.
На настанот се обратија и министерката за финансии Нина Ангеловска, потоа директорката за инфраструктура во ЕБОР, Сузан Горансон, директорот на секторот за кредитирање во Словенија, Хрватска и Западен Балкан во ЕБОР Матео Ривелини, директорот на ЈП ”Водовод и канализација”, Душко Весковски, амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.