(14.05.2018г.) Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, имаше воведно обраќање на свеченоста по повод отпочнување на програмата за грантови во Република Македонија на Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (Prespa Ohrid Nature Trust – PONT).
Toj истакна дека со имплементација на проектите од Грант Програмата на PONT ќе се зајакнат капацитетите на субјектите за управување со заштитените подрачја, општините и невладините организации за поефикасна заштита на биодиверзитетот и управувањето со заштитениоте подрачја. Тоа, воедно, ќе придонесе и за подобрување на прекуграничното управување во делот на заштитата и мониторингот на природата со соседните земји Албанија и Грција.
Со финансиската помош од PONT ќе се исполнат дел од активностите од Националната стратегија за заштита на природата со акционен план (2017-2027), Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план (2018-2023) и плановите за управување со заштитените подрачја. Исто така, ќе се овозможи и поефикасно спроведување ЕУ директивите за живеалишта и птици и националната легислатива за заштита на природата.
Предвидено е со поддршката од страна на PONT во првата година да се финансираат проекти за заштита на биодиверзитетот и управување со заштитените подрачја само во Преспанскиот регион и тоа во НП Пелистер, НП Галичица, СП Преспанско езеро и Езерани, со можност во текот на наредните години финансиска поддршка да се обезбеди и за Охридскиот и за други региони во државата.
PONT е фонд за зачувување на природата, финансиран од МАВА фондацијата и Германската банка за развој. Негова мисија е да обезбеди долгорочно финансирање за зачувување и одржливо користење на биолошката разновидност, природните процеси и екосистемските услуги во Преспа и пошироката област во корист на природата и локалното население. Покрај активностите на национално ниво, PONT ја подржува и прекуграничната заштита, и веќе се доделени почетни грантови за трите партнери на прекуграничната мрежа на невладини организации „ПреспаНет“, чии основачи се Македонското еколошко друштво, друштвото Заштита и зачувување на природата во Албанија и Друштвото за заштита на Преспа од Грција.