(22.10.2019г.) Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули деновиве учествува на Светската конференција за екосистемски услуги, која од 21 до 25 октомври се одржува во Хановер, Германија.
Во рамки на конференцијата, заменик министерот Макрадули оствари средба со директорот на генералниот директорат за зачувување на природата и одржливото користење на природните ресурси од Федералното германско министерство за животна средина, зачувување на природата и нуклеарна безбедност, Кристиане Паулус.
Притоа, Паулус го поздрави напредокот што нашата држава го прави во насока на воведување на концептот на екосистемски услуги на национално ниво, а во текот на средбата двете страни разменија искуства од имплементацијата на концептот и беа разгледани можностите за идна соработка.
Беше договорена соработка на експертско ниво под покровителство на сојузното министерство за животна средина, зачувување на природата и нуклеарна безбедност, што ќе помогне во имплементацијата на концептот на екосистемски услуги на институционално ниво, а се разговараше и за воведувањето на механизмот на плаќање за екосистемските услуги.
На средбата, Макрадули и Паулус дискутираа и за Натура2000, како исклучително важна компонента за хармонизација во европското законодавство од областа на заштита на природата.