Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, денес ја отвори годишната средба на Коалицијата за клима и граѓанските организации кои работат на полето на заштита на животната средина и климатските промени.
Таа ги изложи клучните приоритети и цели на Министерството за животна средина и просторно плaнирање во областа и следните планирани чекори, истакнувајќи дека МЖСПП има остварено добра соработка со граѓанскиот сектор во делот на заштитата на животната средина и развивањето на политиките и мерките за клима.
– Во делот на климатските промени, како држава и како Mинистерство работиме низа години наназад. Бевме присутни и на 28 Конференција на страните на УНФЦЦЦ, а пораката што ја испративме од таму е дека сите земји, дури и малите, треба да имаат свој уел. Да се биде амбициозен претставува предизвик, но ние тоа го гледавме и сè уште го гледаме како можност која е од корист за нашиот народ и за нашата економија – рече заменик министерката Оџаклиеска, додавајќи дека ние преку сопствениот пример покажуваме дека имањето визија и амбициозните долгорочни и среднорочни цели се остварливи со заедничка и партнерска акција.
На средбата беше сумирана досегашната работа на граѓанските организации од секторите заштита на животна средина и климатски промени и се дискутираше за градењето на одржливи партнерства со локалните и националните власти и другите релевантни чинители.
Членовите на коалицијата беа информирани за политиките и законите во секторот клима, како и за секторските реформи кои државата ги спроведува во делот на климатските промени.
Годишната средба е во организација на Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест, во соработка со Македонското здружение на млади правници (МЗМП), Македонскиот зелен центар и Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе – CVNP и е поддржана од Шведската Влада.