(04.09.2018г) Денеска и официјално се заврши Твининг проектот за јакнење на административните капацитети за спроведување на Рамковната директива за отпад и директивите за посебните видови на отпад (пакување, батерии и отпад од електрична и електронска опрема). На завршната церемонија свое обраќање имаа заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, раководителот на одделот за оперативни работи на Делегацијата на ЕУ Вирве Импари, и амбасадорот на кралството Шпанија Н.Е. Емилио Лоренца Сера.
Проектот имаше за цел да им помогне на надлежните органи да го усогласат националното законодавство за управување со посебните видови на отпад со правото на ЕУ и да ги зајакнат капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање за имплементација за имплементирање на директивите во оваа област. При тоа посебен предизвик беше постигнување на целите на Европската Унија за воспоствување на систем за управување со контролираните текови на отпад, преку кој се пренасочува индустријата кон постигнување на целите на циркуларната економија.
Препознавајќи ја потребата за понатамошно подобрување на состојбите со управување со отпадот во државата, Европската Унија, преку инструментот на претпристапна помош, го отпочна овој Твининг проект во септември 2016г. со времетраење од 24 месици и со буџет од 1.01 милиони евра.
Министерството за животна средина и просторно планирање е институцијата-корисник на Проектот, а главните партнери од ЕУ беа „Northern Ireland Co-operation Overseas“ (NI-CO) од Обединетото Кралство и „Fundación Internacional y para Iberoamérica de Administración y Políticas Públicas“ (FIIAPP) од Шпанија.
Со овој проект се подготви подобрен систем за управување со отпад, им се помогна на сите вклучени сектори да добијат појасна слика за нивните задолженија и се отворија можности за развој и функционирање на системите за управување со отпад. Како резултат на ова, ќе се постигне поголем степен на рециклирање и ќе се подобри системот за отстранување на другите видови отпад.
Покрај официјалната церемонија на затворање на Проектот, на завршниот настан излагања имаа и експерти во полето на управување со отпад од земјата и од Твининг проектот.