(21.11.2019г.) Денес, на иницијатива на Oрганизацијата за индустриски развој на Обединетите Нации (УНИДО), Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) – Канцеларија во РСМ, Стопанската комора и Агенцијата за енергетика се одржа Национален промотивен настан: “Придобивки од спроведувањето на енергетска ефикасност во индустриите во Република Северна Македонија”, на кој министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини имаше свое поздравно обраќање.
Министерот Нуредини во својот говор ја нагласи посветеноста на Владата на Република Северна Македонија на борбата против климатските промени, како и посветеноста да обезбедиме интеграција на енергетската и климатската политика, што е во директна врска со регулативите на ЕУ за интегрирано управување со енергијата и климата.
“Зголемувањето на ефикасноста во користењето на енергијата е најбрз, најефикасен и најисплатлив начин за подобрување на енергетската ефикасност во индустријата. Директивата за индустриска емисија, бара да се земат предвид одредбите за енергетска ефикасност при одредувањето на најдобрите достапни техники за процесите на производство”, рече Нуредини.
Настанот се организира за да се нагласи вредноста од спроведувањето на најдобрите достапни технологии за енергетска ефикасност во индустријата, како што се системите за управување со енергијата и оптимизација на енергетските системи, да се истакнат високите економски придобивки и придонесот, што енергетската ефикасност го има во намалувањето на потрошувачката на енергија во индустријата и во државата воопшто, како и да се истакне придонесот во намалувањето на СО2 емисиите.
На конференцијата присуствуваа и претставници од бизнис секторот, академски и научно-истражувачки институции, меѓународни институции и билатерални донатори од УСАИД, ЕБРД и ГИЗ, како и невладини организации и граѓански здруженија.