Денеска, во Белчишко блато се одбележа денот на Натура 2000, најголемата мрежа на заштитени области во светот, која покрива една петина од територијата на Европа и Светскиот Ден на биолошката разновидност кој има за цел да го зголеми разбирањето и свеста за важноста на биолошката разновидност за опстанокот на планетата.
Белчишко Блато е идентификувано како потенцијално Натура 2000 подрачје. Тоа е мочуриште кое се наоѓа во општина Дебрца во подножјето на Илинска планина, на надморска височина од околу 760 m. Ова добро зачувано мочуриште, со поплавени шуми и влажни пасишта, е едно од најважните во земјава.Специфично е поради различните типови на мочуришни живеалишта, особено поплавената евелова шума. Во него живеат многу видови кои е неопходно да се заштитат. Па така на пример, тука живеат 85 видови птици (или 27% од вкупниот број видови во земјава), 224 растителни видови, како и 33 видови цицачи (или 37% од вкупниот број во земјата), меѓу кои и видрата.
Белчишко Блато е блатен екосистем, кој се напојува со вода од повеќе од 10 видливи карстни извори, познати како „Сини Вирови“, вистински бисер на природата. Националната стратегија за заштита на природата 2017-2027 година препорачува мочуриштето да се прогласи за заштитено подрачје и во моментот тој закон е во фаза на усвојување. Понатаму, Белчишко Блато е дел од Националната мрежа Емералд на Република Северна Македонија, но со номинацијата на локација Натура 2000 подрачје ќе стане дел и од Европската кохерентна мрежа со што ќе добие меѓународно значење.
Настанот го отвори министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, која во своето обраќање се заблагодари за подршката што нашата држава ја добива од страна на ЕУ во заштитата на природата и додаде дека разбирањето на важноста на природните екосистеми и биолошката разновидност е клучно за градење на здрава држава и одржлив развој.
„Заради исклучителните и уникатни природни вредности Владата на Република Северна Македонија на предлог на МЖСПП донесе одлука за прогласување на Белишко Блато за заштитено подрачје во категорија Парк на природа, со што и на национално ниво обезбедуваме одржливо управување и заштита на овој уникатен природен систем“, истакна Шукова.
Во поздравното обраќње шефот на Делегацијата на Европската Унија Н.Е. Дејвид Гир изјави: „Натура 2000 е најголемата координирана мрежа на заштитени подрачја во светот. Таа има за цел да обезбеди долгорочен опстанок на највредните и загрозени европски видови и живеалишта, истовремено обезбедувајќи безбедно засолниште за безброј други животни, растенија и диви животни.
Северна Македонија има прекрасно богат и разновиден биодиверзитет кој мора да се чува за генерациите што доаѓаат. Белчишко Блати е синиот скапоцен камен во круната. ЕУ ја поддржува заштитата на оваа прекрасна локација и бара да се осигура дека ќе стане дел од идната мрежа Натура 2000 во земјата“.
Ображања имаа и градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачевски и претставникот на на граѓанското здружение Екотуризам, Ѓоко Зороски.
На настанот, присутните меѓу кои и учениците на средното училиште „Св. Климент Охридски“ од Охрид се запознаа со природните вредности на ова уникатно природно живеалиште и дознаа повеќе за видовите кои живеат во него од експертите кои беа присутни.
Настанот е во организација на проектот финансиран од Европската Унија „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“. Корисник на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање, а го спроведува НИРАС со партнерите.