Енергетскиот развој и климатските политики мора да се интегрираат во заедничка целина. Нашата земја веќе го изработи интегрираниот енергетски и климатски план, а ние како Министерство го подготвивме Националниот придонес кон Парискиот договор врз основа на зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката. Клучна е подготовката на Програма за спроведување на зеленото сценарио, но и заложбата на сите ресорни министерства и чинители за имплементација. Ние, исто така работиме и на Долгорочна стратегија и Закон за климатска акција, кои ја институционализираат рамката за спроведување на обврските за редуцирање на стакленичките гасови, потребната праведна транзиција кон чиста енергија и воедно обезбедува општо подобрување на животната средина, што на долг рок значи помалку целокупни трошоци и повеќе зелени работни места – истакна министерот Нуредини во своето обраќање на првата панел сесија на видео конференцијата „Визија за енергетска транзиција 2040“ организирана од страна на Центарот за управување со промени во рамките на проектот „Развој на програма за имплементација на Националната стратегија за развој на енергетиката“.
За ставовите, мислењата, приоритетите и планирани мерки на разните владини институции во наредниот среднорочен период, адресирајќи ја имплементацијата на т.н. „зелено сценарио“покрај министерот Нуредини, зборуваа и заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, а присуствуваа и дискутираа и други високи владини претставници од институции кои се делуваат во енергетскиот сектор.
Конференцијата отвори дискусија околу владините приоритети во овој сектор во споменатиот период, а во правец на претстоечката ревизија на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и изработката на Програма за имплементација на стратегијата.
Настанот со поздравно обраќање го отвори амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Н.Е. Рејчел Галовеј.
Панелисти на вториот панел се претставници на енергетските компании, невладиниот и академскиот сектор.
Проектот е финансиран од Британската амбасада Скопје преку Фондот за добро управување (GGF), со цел да се даде поддршка на Владата во ревизија на посочените стратешки документи, а проектниот тим е предводен од Public Administration International од Лондон, во соработка со технички експерти од Македонската академија на науките и уметностите и Центарот за управување со промени.