Министерството за животна средина и просторно планирање упатува АПЕЛ за зголемена внимателност и сoвесно и одговорно однесување, бидејќи во услови на екстремно високи температури што подолг временски период ја зафатија нашата земја и најмало невнимание може да биде причина за пожар што може да има катастрофални последици по здавјето на луѓето, природата и животната средина.
Пожарите не само што ја уништиваат природата туку прeдизвикуваат и зголемување на концентрациите на суспендирани честички во воздухот, заради што и во текот на вчерашниот ден е забележано надминување на пропишаната среднодневна гранична вредност речиси на сите мерни места во државата.
Пожарите во близина на водните тела можат да имаат негативно влијание врз површинските и подземните води и да предизвикаат физички и хемиски промени на квалитетот на водата. Во услови на пожар, потребно е пред употреба да се врши контрола на исправноста на водата од бунарите и изворите. Дополнително треба да се има предвид дека водата што се користи за гасење на пожарите се црпи од околните водни тела заради што е можно нарушување на водниот баланс во истите.
Особено апелираме за засилена одговорност и внимателност на правните субјекти што во своите технолошки процеси имаат контакт со хемикалии, деривати и лесно испарливи и запаливи материјали, како и максимално почитување на плановите за заштита од пожар и хаварија.