По повод одблежувањето на 22 април, Денот на Планетата Земја, Министерството за животна средина и просторно планирање, на иницијатива на здружението „Гоу Грин“, а во соработка со фондацијата „Поврзување на природни вредности и луѓе – Македонија“ (CNVP), спроведе акција за чистење на езерото Козјак, како дел од националната кампања за чистење на несоодветно депонираниот отпад – „Македонија без отпад 2018“.
Централниот пункт на акцијата за чистење на езерото беше лоциран во туристичката населба Близанско, а учество земаа Министерството за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување на РМ со своја опрема и луѓе, Центарот за управување со кризи, општината Македонски Брод со комуналното претпријатие, ЈП „Јасен“, Агенцијата за млади и спорт, ЕЛЕМ, Асоцијацијата на колективни постапувачи со отпад (кои го обезбедија приборот за чистење и освежувањето за учесниците), Црвен Крст од Македонија, бројни здруженија на граѓани, како и кајакарите од клубот „Кајак Револуција“, нуркачите од спелео – нуркачкиот клуб „Врело“ и планинарите од Федерацијата на планинарски спортови.
– Целта на оваа акција е не само да го исчистиме веќе расфрлениот отпад, туку и да пратиме порака до сите наши граѓани дека е време да го промениме несоодветното однесување во природа – изјави по тој повод заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, кој, заедно со сите присутни помогна во расчистувањето на несоодветно фрлените отпадоци на локацијата. Тој апелираше за сеопфатна акција и нагласи дека доколку сакаме да ставиме крај на пластиката како отпад, тоа да го направиме уште дома селектирајќи го отпадот во посебни контејнери. Според него потребна е едукација и развивање на свеста уште во градинките и училиштата.
Анела Ставревска Панајотова од фондацијата CNVP Македонија, за медиумите изјави дека многу радосна што во акцијата се вклучија толкав голем број институции, организации и граѓани, но во исто време е и тажна бидејќи поводот е несовесно однесување на луѓето, за кое според неа мора да се засили санкционирањето.
Кон акцијата се приклучи и словачкиот амбасадор Хенри Маркуш кој изјави дека Македонија е прекрасна земја, но денеска ја видел и другата страна од сликата и затоа се приклучил кон оваа акција за чистење на езерото.Тој апелираше до сите граѓани на Македонија да преземат мерки за почиста околина, бидејќи смета дека ситуацијата е ургентна.
Оваа година, одбележувањето на Денот на Планетата Земја се одвива под мотото „Да го запреме загадувањето од пластика“, а со масовната акција на чистење на езерото Козјак, Р. Македонија го даде својот придонес во глобалната мисија за заштита нашиот единствен дом.
Втората фаза од Националната кампања за чистење на отпадот на целата територија на Република Македонија ќе се спроведе на есен со која Р. Македонија ќе се вклучи во глобалната акција – Let’sdoit! WorldCleanup 2018. Акцијата е официјално поддржана од Европскиот Парламент и во неа учествуваат над стотина земји во светот.