Министерството за животна средина и просторно планирање го поздравува потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија и седум регионални институции во секторот на комунални дејности.
Со Меморандумот за соработка е поставена основа на сите идни билатерални, трилатерални и мултилатерални договори и протоколи во комуналниот сектор, со што се продолжуваат заложбите за развој на комуналниот сектор во регионот во доменот на легислативата и во областите на технологијата и одржливиот развој.
На овој начин ќе се продлабочи меѓународната соработка во регионот, изразена преку примена на научно–технолошките достигнувања во работењето и унапредувањето на технолошките процеси, учество на саеми, едукација на вработените и размена на искуства.
Меморандумот за соработка го потпишаа претставници од АДКОМ, Стопанска Комора на Република Србија, Стопанска Комора на Република Српска, Здружение на комунални претпријатија на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Здружение на јавните комунални претпријатија на Република Унгарија, Комора на комунални претпријатија на Република Словенија, Здружение на комунални претпријатија на Република Црна Гора, Здружение за подобрување на водоснабдување, третман и одводување на отпадни води на Црна Гора.