Oд 17.02.2015 до 19.02.2015 година во Копенхаген, Данска, се одржa редовен работен состанок на Националните координатори за соработка со Еврoпската агенција за животна средина. Учесници од Министерството за Животна средина и просторно планирање беа Светлана Ѓорѓева, како Национален координатор и Ристо Јордановски, Асистент координатор за соработка со Европската агенција за животна средина.
Согласно дневниот ред, се одржа редовниот состанок на Координаторите од Западен Балкан заедно со претставниците од ЕЕА и беше дискутиран напредокот во соработката на ЕЕА со земјите од Западен Балкан, соработката со Европските тематски центри, како и планирањето за изработка на стратешки документи за техничка подготовка на земјите од Западен Балкан за идно членство во ЕЕА.
Како дел од предвидените пленарни сесии беа опфатени работни активности во однос на предизвиците за имплементацијата на новата NRC структура (топик центри за воздух и климатски промени, вода, отпад, почва, земјина покривка), Иницијативата за иновации и унапредување на EIONET мрежата (E3I), за кои беше потребно активно учество и придонес во анализата и дискусијата. Република Македонија имаше учество во работната група за ревизија на Приоритетниот проток на податоци (Priority Data Flow) и потребно е да се следи развојот на активности и обврски кои ќе произлезат во рамки на оваа новоформирана работна група.
Дел од презентациите на пленарните седници беа поврзани со меѓународната стратегија на ЕЕА, приоритетите на UNEP по 2015 година и секако подготовката за промоција на SOER2015 – извештајот за состојбата и перспективата на животната средина во Еворпа, како клучен петгодишен извештај кој ќе биде промовиран во Европскиот Парламент на 3 Март 2015 година. Воедно ги презентиравме и нашите планови за презентација на Извештајот.