Во вторникот на 12.11.2019 г. во Охрид и Струга беа презентирани деталите содржани во Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и Стратегиската оцена на животната средина за периодот 2019-2028 година, како документи од витално значење за заштитата на регионот како културно-историското богатство и природна реткост признаена од УНЕСКО. По презентациите следеа дискусии во кои јавноста имаше можност да ги искаже своите мислења, забелешки и предлози во однос на документите.
Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, истакна дека планот претставува исчекор напред оттаму што предвидува зонирање во самиот простор, што ќе овозможи соодветни мерки за негова заштита.
– Тоа значи воспоставување заштитен појас од 50 метри (прва заштитна зона со две подзони – Зона А и Зона Б) од границата на катастарската парцела Охридско Езеро. Заштитните мерки ќе се утврдуваат со интегиран пристап преку урбанистички план од државно значење, рече Петровска.
Планот предвидува во Првата А зона да не се дозволува градење со цел задржување на крајбрежната функционалност на езерото и зачувување на квалитетот на езерото, додека во Првата Б зоната се задржуваат изградените објекти, но со тенденција на зголемување на површината од зоната А, за да се подобри вкупната крајбрежна функционалност согласно рамковната директива за води.
По однос забелешките на дел од еколошките задруженија, експертска јавност дека се носи План за управување без притоа да се донесат соодветни законски решенија за Охридско Езеро, без студија за Студенчишкото блато, за управувањето со Националниот парк „Галичица“, со сливното подрачје на Охридското Езеро и слични документи, Петровска категорична дека доколку се чека на спроведување на сите потребни процедури, а потоа се носи План, Охридското Езеро никогаш нема да добие соодветна и неопходна заштита.
– Ние треба под итно да го направиме планот и да го усогласиме со сите чинители, за што е впрочем организирана оваа јавна расправа. Доколку се прават промени во зонирањето по донесувањето на Планот, тој ќе биде ревидиран и усогласуван. Потребата за ревидирање на Планот во случај кога ќе се има потреба да се ревидира зонирањето се утврдува преку соодветни преодни одредби, рече таа.
Самиот План треба да ја даде рамката за управување со регионот, но со него управуваат институциите, но и граѓаните кои имаат свое земјиште и објекти во планот.
– Доколку тој се почитува имаме добра основа, да и помогнеме на Комисијата за управување со природното и културното наследство да може да носи одлуки. Планот овојпат е толку експлицитен што согласно мерките што ги утврдува документот, Комисијата точно ќе може да издава дозвола за градба, рече Петровска.
Попладнето јавната расправа по Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион и Стратегиската оцена на животната средина продолжи во Струга.
И двете локални самоуправи, како и институциите на државно ниво, согласно важноста на проблематиката, покажаа висок степен на подготвеност за брза и конструктивна акција.
Самиот Нацрт-план на 20 октомври е испратен до УНЕСКО така што се очекува повратна информација по однос документот со нивно мислење. После одржувањето на јавните расправи процедурата понатаму предвидува разгледување на реалните забелешки од кои дел би биле интегрирани во документот, по што таквиот усогласен План би бил доставен на усвојување до Владата и во февруари идната година до УНЕСКО.