По повод 5 Јуни Светскиот ден на животната средина, Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Агенцијата за млади и спорт и општините во РМ со Јавните комунални претпријатија, ја спроведе пролетната акција, која е дел од од националната кампања за чистење на несоодветно депонираниот отпад „Македонија без отпад“.
Во рамки на акцијата во о. Сарај на влезот на езерото Треска, кај новата пречистителна станица за отпадни води беше отстранет несоодветно одложениот отпад, при што со своето присуство, поддршка на акцијата даде и македонскиот боксер Вели Мумин;
Во о. Неготино се чистеше околу спортската сала „Младост“, а таму на чистењето активно се приклучи и македонскиот автомобилист Игор Стефановски-Иџе.
Кампањата „Македонија без отпад“ се спроведе и во о. Кавадарци каде беше извршено подводно чистење на отпад на Тиквешкото Езеро од страна на нуркачкиот клуб Врело, додека пак во о. Конче се чистеше отпад на местото викано Ирон Дол во близина на н.м Лубница.
Во акцијата масовно се вклучија и Сојузот на извидници на Македонија, Црвен Крст на Република Македонија, колективни постапувачи со отпад и други комерцијали субјекти.
Ваквите акции имаат големо значење бидејќи со нив се развива свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот и се развивават механизми за подршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро да се справат со несоодветно и неорганизирано фрлање на отпад во нивните заедници.
Но за трајно расчистување на дивите депонии не се доволни само активностите на централната и на локалната власт, туку е потребна и високо развиена свест дека секој од нас треба одговорно да се однесува и со животната околина и со отпадот кој што самиот го произведува.
Затоа, мораме да бидеме одговорни и свесни дека само со заеднички и координирани активности можеме да го постигнеме конечниот резултат – здрава и чиста животна средина.