(24.12.2015г.) Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев и директорот на ЈКП “Комуналец” – Струмица, Зоран Горгиев,денеска, во Скопје, го потпишаа договорот за спроведување на проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води во општина Струмица”.
Вкупната вредност на договорот за градба на овој инфраструктурен проект изнесува 8,4 милиони евра, а средствата се обезбедени преку Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА) предвиден во рамките на Оперативната програма за регионален развој 2007-2013 (дел: животна средина) и кофинансиран од Буџетот на Р. Македонија. Пречистителната станица ќе се гради со капацитет за 53.500 еквивалент жители и ќе ги прочистува урбаните отпадни води од подрачјето на општина Струмица, како и индустриските отпадни води кои се испуштаат во канализациониот систем. Имено во пречистителната станица ќе се прочистуваат урбаните отпадни води од градот Струмица, и населените места Баница, Добрејци, Градско Балдовци, Сачево, Дабилје, Муртино, Просениково, како и отпадните води од Слободната економска зона Сачево. Со изградбата на пречистителната станица значајно ќе се придонесе кон подобрување на кавалитетот на водите во реката Тракајна и реката Струмица и ќе се обезбеди заштита на Моноспитовското блато.
Проектот за градба ќе започне со спроведување во јануари 2016г. по склучувањето на договорот за градба со избраниот понудувач. Изградбата на пречистителата станица ќе трае 18 месеци и ќе заврши во јули 2017 година, по што ќе следи гарантниот период од една година.
Исто така, за целта на овој проект, објавен е и тендер за надзор на изведувањето на градежните работи за изградба на пречистителните станици за отпадни води во Радовиш, Кичево и Струмица кој е во процес на евалуација во Министерството за финансии.