„Отпадот што не окружува е наш производ. Ние луѓето сме го создале и сме го оставиле зад нас. Да покажеме совесност и одговорност за своето однесување кон природата, да се вклучиме во најголемата волонтерска акција „Генералка викенд“ и собирајќи го отпадот да и го вратиме сјајот на природата. Оваа веќе традиционална акција не здружува, ја покажува моќта на заедништвото и ни дава можност отпадот да го претвориме во наша зелена иднина“ – истакна министерката за животна средина и просторни планирање, Каја Шукова од теренот на пролетната акција за чистењена депонијата кај Јажинце во општина Јегуновце.
ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е акција што Министерството ја поддржува уште од првата година кога беа вклучени само 10 општини и 1000 волонтери. Годинава бројот на општини е 53, а бројот на пријавени волонтери повеќе од 16 000.
Оваа акција е најмасовна и најинклузивна акција за чистење на отпад на територијата на целата држава што се организира како соработка на Мен анд Маунтаин, „Пивара Скопје“, „Пакомак“, „Нула отпад“, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, претставници на дипломатскиот кор, локалните самоуправи, 400 училишта, локални поддржувачи и спортски клубови.
Со засадување на дрвна садница за секои 10 килограми собран отпад, акцијата овозможува „засадување на отпадот во зелена иднина“ и претставува извонреден начин да се демонстрира моќта на заедништвото и координативната работа во интерес на животната средина и квалитетот на животот на сегашните и идните генерации.