Степенот на имплементација на ИПА помошта за животна средина и забрзување на процесот на искористување на ИПА грант средствата беа главна тема на денешниот состанок на министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова со шефот на Делегацијата на Европската Унија Н.Е. Дејвид Гир придружуван од шефот за соработка во ЕУ Делегацијата Штефан Худолин и програмскиот офицер за проекти од областа на инфраструктурата посветени на климатските промени, животната средина и природните ресурси Давиде Биксио.
Министерката Шукова упати благодарност за досегашната поддршка што ЕУ ја пружа не само на МЖСПП во делот на животната средина, туку и генерално на државата во постигнувањето на стандардите на ЕУ.
На работниот состанок посебен акцент се стави на реализација на големите ИПА проекти за изградба на пречистителните станици и на канаизационите мрежи во Битола и Тетово, како и за проектот за регионално управување со отпад во Источниот и Севроисточниот плански регион.
Во делот на воздухот се отвори темата за значењето на ратификување на Гетеборшкиот протокол за прекугранично загадување на воздухот, како и за потребата од интензивирање на активностите во однос на идентификување на потенцијалните НАТУРА 2000 подрачја во државата и оисполнување на обврските кон ЦИТЕС конвенцијата за прекугранична трговија со диви видови. Од страна на Делегацијата беше потенцирано дека од еднакво значење е продолжувањето на реформските процеси во приоритетните области на животната средина.
Исто така, министерката Шуковаа информираше за преземените активности од Владата за зачувување на статусот на УНЕСКО на Охридскиот регион, за активностите што МЖСПП ги презема за исполнување на обврските од Зелената агенда, како и за статусот на подготвителните работи во рамки на ИПА 3 акцискиот документ – ЕУ за Преспа.
Заеднички беше ставот дека секторските работни групи за животна средина и климатска акција во иднина треба да го прошират својот фокус на дејствување и да станат платформа за размена на ставови, искуства и координација со други донатори и меѓународни финасиски институциии за поддршка на процесот на пристапување на Република Северна Македонија кон ЕУ.