Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини учествувашена онлајн презентацијата на Извештајот за брза проценка за придобивките од циркуларната економија за намалувањето на емисијата на стакленички гасови во секторот отпад. Извештајот е изработен во соработка со Програмата за развоја на Обединетите Нации (УНДП) и Иницијативата „климатски ветувања“ како поддршка на процесот на воведување на концептот за циркуларна економија.
Документот дава визија за примена на циркуларната економија во нашата држава, при што за анализа е избран секторот управување со отпад како појдовната основа за премин кон практиките својствени за циркуларната економија. Извештајот ги идентификува можностите и предизвиците во врска со намалувањето на емисиите на стакленички гасови преку унапредување на практиките својствени за циркуларната економија во овој сектор, а во согласност со Европскиот зелен договор и Акцискиот план за циркуларна економија на ЕУ.
При изработка на Извештајот, направена е анализа на соодветните политики на Република Северна Македонија, избрани се шест текови на отпад (градежен отпад, биолошки отпад, секундарни резидуални горива, електронски отпад, искористени возила, пластика) во согласност со приоритетите на Националниот план за управување со отпад со цел да се прикажат придобивките од преминот кон циркуларна економија и осмислен е соодветен методолошки пристап. Проценките покажаа дека до 2030 година, примената на практики својствени за циркуларната економија кај избраните текови на отпадот изразено преку три индикатори може да обезбеди:
- Заштеди од 951 Gg CO2екв/годишно на емитирани стакленички гасови во споредба со 2016 година;
- 2740 нови работни места;
- 47,17 милиони евра економска корист.
На настанот се дискутираше и за потребата и начините како да се премине кон поинакви практики на управување.Покрај тоа, извештајот понуди и соодветни препораки за побрзо вградување на циркуларната економија во националните политики.