Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини оствари средба со регионалниот директор на Француската агенција за развој (AFD) Доминик Отберг, на која присуствуваа и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и директорка на регионална економска служба на Амбасадата со седиште во Софија Флоренс Добел.
Регионалниот директор Отберг истакна дека Агенцијата има мандат од Француската Влада од 2018 година за присуство во повеќе земји од регионот, кои имаат аспирации за членство во ЕУ. Досега се присутни во три земји од Западен Балкан, а со потпишувањето на Договор за спроведување на активности на Француската агенција за развој во Северна Македонија, се очекува конкретни активности во државава да започнат следната година.
Отберг ги презентираше областите на интерес на Агенцијата во регионот на Западен Балкан и посочи дека поддржуваат проекти од различни области, но пред се оние кои имаат директен и позитивен бенефит заснован на Парискиот климатски договор.
Најприоритетна област за Северна Македонија, според Отберг во животната средина би биле проектите кои имаат допирни точки со Договорот од Париз за клима, поврзани со водите, енергетиката, урбаниот развој, транспортот, заштитата на природните ресурси, енергетската ефикасност и сл. Механизмот за поддршка подразбира техничка помош, обезбедување заеми, грантови, директни заеми на општини, наменети пред се за идентификување и развивање на проекти релевантни за одржлив економски развој.
Во тој контекст министерот Нурдини информираше за тековните проекти и активности на Министерството за животна средина и просторно планирање. Посебно нагласи дека во правец на исполнување на целите од климатскиот Договор од Париз, во тек е изработка на Закон и Долгорочна стратегија за климатска акција и дека истите се очекува до крајот на годината да бидат донесени. Но дека поддршка и помош секако ќе ни биде потребна во процесот на нивна имплементација и во остварување на интерсекторската соработка пред се на секторите транспорт и економија.
Покрај проектите поврзани со климатските промени и амбициозните национални придонеси кон Договорот од Париз, Нуредини ја потенцираше и можноста за соработка во делот заштита на природата, која исто така беше препозната како област од заеднички интерес. Посочени беа можностите за соработка во делот на воспоставување и националниот парк Шар Планина по усвојувањето на Законот за негово прогласување, како и на други проекти за заштита на биодиверзитетот и природните вредности.
Се отворија и прашањата за можна соработка во делот на воспоставување на основната инфраструктура во управувањето со отпад.