Средношколци од Македонија, Италија, Полска, Турција , Шведска и Португалија заедно ќе учат да ја чуваат животната средина
Секторот за комуникација со јавност на МЖСПП беше домаќин на професори во средни училишта од пет европски држави – Италија, Полска, Турција , Шведска и Португалија. Посетата на професорите се должи на соработката со Средното eкономско-правно училиште на Град Скопје -Васил Антевски Дрен, кое е партнер-училиште во проектот „GOT POLLUTION? BE THE SOLUTION… RECYCLE!“. Овој проект е финансиран од ЕРАСМУС+ Програма К2 во делот: Соработка за иновации и размена на добри практики, стратешки партнерства помеѓу училишта.
СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ заедно со уште пет училишта од Европа, преку проект ќе се обиде да ја подигне свеста кај учениците и целокупната јавност за рециклирање на материјалите и зачувување на животната средина.Со директно учество во активностите и знаењето кое ќе го стекнат преку овој проект, учениците ќе ја развијат личната одговорност кон загадувањето, неговото спречување и заштита на средината во која живеат. Со развивање на позитивен однос кон животната средина уште во процесот на образование се очекува тој да прерасне во личен став и животен стил на младата генерација. Од друга страна очекувано е позитивните навики да се пренесуваат на другите ученици, другите генерации, родителите и опкружувањето генерално, со што ќе се добие еден вид на доживотно учење.
Во рамките на посетата професорите имаа можност да проследат презентација за генералната состојба со управување на отпадот во Р.Македонија, нациoналната регулатива која е воспоставена во оваа област, постигнатите резултати во делот на рециклирањето, при што посебен акцент беше ставен на значењето на јавната свест и тоа не само на младата популација, туку и пошироко како и на активностите што ги презема Министерството во тој правец.