МЖСПП во соработка со УНЕП работи на имплементација на целите од Зелениот договор за Западен Балкан во делот на климатските промени. Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, денеска ја отвори воведната работилница за проектот „Климатска платформа за одржлив развој во Западен Балкан“, чија цел е да се воспостави сеопфатна база на информации прилагодени на потребите на Република Северна Македонија и Западен Балкан.
– Задоволна сум што Република Северна Македонија како земја – кандидат за членство во Европската унија и како договорна страна на енергетската заедница е дел од напорите за справување со глобалното затоплување и е посветена да работи кон целта за климатска неутралност до 2050 година – срцето на Европскиот зелен договор, како и останатите држави од ЕУ во рамките на Енергетската заедница – истакна министерката Шукова во своето воведно обраќање.
Според неа, иако нашата држава веќе има преземено важни заложби за ублажување, особено во зајакнување на национално определените придонеси, неопходно е да се направи уште многу повеќе во однос на растечката отпорност на климатските промени.
– Затоа ќе продолжам да ги повикувам секторите и компаниите да ги удвојат своите напори, да се осигураат дека нивните цели за емисии претставуваат највисока можна амбиција и да ги спроведат обврските што ги презеле – рече Шукова.
Проектот ќе трае 4 години, финансиран е од Австриската агенција за развојна соработка, а ќе се имплементира со поддршка од Програмата на ОН за животна средина (УНЕП), Канцеларија во Виена.
Освен воспоставување на сеопфатна база на информации, во рамки на проектот ќе се промовираат и активности за обука и развој на капацитетите за климатските промени, како и локално пилотирање во избрани туристички дестинации, со оглед на тоа што туристичкиот сектор е еден од најранливите на климатските промени, па соодветно и инвестициите во овој економски сектор треба да се климатски отпорни. Проектот се надградува на наодите од проектот Clima proof, за да се зголеми климатската и социо-економската отпорност на државите од Западниот Балкан, земајќи ги предвид проектираните климатски влијанија за тој регион.