Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска оствари работна средба со деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Вјекослав Танасковиќ на која разговараа за предизвиците со кои се соочува нашата држава во однос на развојот на секторот земјоделие и заштитата на животната средина и климатските промени.
Се дискутираше за потребата од развивање на одржливи земјоделски практики за адаптација кон климатските промени, со оглед на тоа што земјоделството е еден од најранливите сектори погодени од промените на климата. Теми на разговор беа и сезонските поплави и нивното влијание врз земјоделието, проблемот со загадувачката индустрија лоцирана во непосредна близина на земјоделските површини, како и влијанието на пестицидите врз животната средина.
Соговорниците изразија заедничка определба за продлабочување на соработката меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Факултетот за земјоделски науки и храна, истакнувајќи дека за воведување и примена на добри земјоделски практики потребни се квалитетни политички решенија, развивање на јавната свест и промена на воспоставените навики, кои ќе бидат засновани врз научно потврдени факти.