Денес во Дојран министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски и работната група работеа на финализирање на предлогот на законот за донирање на вишокот на храна.
Работата резултираше со консензус за надлежностите, системот и платформата за управување со вишокот на храна и негова донација до граѓаните на кои тоа им е најпотребно.
Со донесување на ова законско решение ќе се воспостави институционализиран систем на донација на храна низ целата држава, ќе се поттике одржливо менаџирање со храната кај сите субјекти во општеството, намалување на отпадот од храна, донирање на вишоците, како и подигнување на свеста за учество во процесите за намалување на сиромаштијата.
Податоците покажуваат дека во нашата држава, годишно, над 12 илјади тони употреблива храна завршува на депониите. Според пресметките, со неа можат да се нахранат приближно 13.000 граѓани, со три оброци дневно.