(26.01.2019г) Денеска, во рамки на настанот “Денот без возила на фосилни горива” што го организираше Про Кредит Банка, се одржа панел дискусија на тема “Како до зголемување на електромобилноста” на која заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во својата презентација даде споредбена анализа на моменталните состојби со електромобилноста кај нас и во светот, со акцент на мерките кои Владата ги презема за поттикнување на набавката на електрични и хибридни возила. Тоа ќе се постигне со субвенционирање на дел од цената од финансиските средства собрани од еколошките такси. Целта е преку замената на застарениот возен парк да се намали загадувањето од транспортот, со што директно ќе се влијае врз намалувањето на аерозагадувањето во урбаните средини, што соодветствува и со Планот за чист воздух кој неодамна го донесе Владата на РМ.
“Моментално според анализите транспортот учествува со 20% во аерозагадувањето, но доколку ништо не се превземе неговиот удел во загадувањето на воздухот многу брзо ќе стигне до 56%.Затоа поради ваквите моментални состојби, Владата е силно посветена и постојано работи на имплементирање на мерки и подобрување на законите во согласност со реалните европски искуства за да ги подобриме квалитетот на воздухот, состојбата со животната средина а секако и за да фатиме чекор со останатите европски развиени држави” – рече Макрадули во своето излагање.
Во панел дискусијата со свои излагања учествуваа и Стефан Богоев, градоначалник на општина Карпош, Емилија Спировска претставник од Управниот Одбор на Про Кредит Банка, како и претставници од Порше, ЕВН, Електромобилност Македонија и МЕПСО.
Настанот “Ден без возила на фосилни горива” беше организиран со цел да се поттикнат и инспирираат граѓаните и бизнис заедницата да дадат работат на унапредување на електромобилнодта во државата како начин за намалување на загадувањето на животната средина во урбаните средини.
Активностите вклучуваа и едукативна изложба каде повеќе компании како Про Кредит Банка, Порше, Тојота, ЕВН, МЕПСО, Хамачи, Са-Тра, Македонски Телеком и Фибернет, ги презентираа своите електрични/хибридни возила, како и опремата за нивно полнење, споделувајќи ги сопствените искуства од нивната примена. Исто така, присутните на настанот добија можност да уживаат во тест возењата со електричните автомобили на ПроКредит Банка.
Со цел да се потенцира неопходноста од намалувањето на употребата на автомобили со погон на фосилни горива, за времетраењето на настанот, дел од улиците покрај СРЦ „Борис Трајковски“, беа трансформирани во Зелени улици, каде им беше овозможено да поминуваат и паркираат само на електрични и хибридни возила.