Со еколошки моливчиња кои може да се засадат, Макрадули, Адеми и Богоев на првачињата од ОУ „Аврам Писевски“ им го честитаа првиот училишен ден

3Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, министерот за образование и наука Арбр Адеми и градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев на првачињата од ОУ „Аврам Писевски“ во Бардовци им доделуваа еколошки моловчиња со кои симболично им го честитаа првиот училишен ден, посакувајќи им успех и среќа на училиште.

Макрадули објасни дека еко-моливчиња носат семиња од различни градинарски растенија, кои може да се засадат по потрошувањето, а ученикот ќе може да ужива во одгледувањето и негувањето на растението кое ќе се развие од семето.

– Ова е типичен пример за засадување и чување на иднината и се надевам ќе следат и други и содржини и еколошки акции со кои заедно со Министерството за образование ќе настапиме пред најмладите – изјави Макрадули.

Понатаму тој додаде и  дека неслучајно за овој настан е одбрано ова училиште во Карпош кое минатата училишна година беше шампион во собирање на пластичен отпад и воедно претставува добар пример како од најрана возраст се учи како се штити и чува планетата.

Во своето обраќање, министерот Адеми истакна:

– Преку моливчињата испративме порака дека подигнување на свеста за заштита на околината најдобро може да се постигне преку воспитно-образовниот процес на нашите најмлади.

Градоначалникот Богоев изрази задоволство што оваа година во континуитет се зборува за животната средина и борбата против загадувањето, и тоа не само во месеците кога воздухот е загаден, туку и кога е почисто. Според него, Општината организира повеќе активности, како што се подигање на нови зелени површини, акции за рециклирање и селекција на отпадот, едукација на најмладите од најрана возраст, а треба да бидат реализирани проекти во насока на намалување на загадувањето.

Настанот е во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање иМинистерството за образование и наука во соработка со друштвото за управување со отпад и отпад од пакување „Пакомак“ кои обезбедија еколошки моливчиња за 10.000 првачиња во државата.