Денеска, со акција за подводно чистење на езерото Матка, на која присуствуваше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, во Скопје беше одбележан светскиот Ден на водите – 22- ри Март.
Притоа, членовите на Спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ и Нуркачкиот клуб „Пена“, успешно извадија еден од потопените чамци во езерото, по што продолжија со вадење на дел од отпадот од дното од езерото.
Целта на настанот беше да се подигне свеста за загрижувачката состојба во која се наоѓаат водите во нашата држава, и конкретно во овој случај, за огромната количина отпад која се фрла во водите на езерото Матка со опасност за кратко време Кањонот да се претвори во водена депонија.
Во таа прилика, заменик министерот Макрадули изјави:
– Матка е еден од објектите што се трудиме да ги заштитиме преку проектот “Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”, во чии рамки за Водно и за Матка има издвоено околу 400.000 долари за дефинирање на заштитените зони и статусот на Матка, а особено за дефинирање на она што значи активно управување и одржлив развој со заштитено подрачје. При тоа, во контекст на одбележувањето на светскиот Ден на водите апелираше да се негува правилен однос кон водата, како еден од најскапоцените ресурси во светот, и тоа во текот на целата година , а не само на овој ден.
Пред присутните се обрати и претседателот на спелео-нуркачкиот клуб „Врело“, Киро Ангелески:
– Целта ни е да го одбележиме денот и да испратиме порака дека не можеме да се однесуваме како досега, односно да го фрламе отпадот во водите, кои се веќе премногу загадени. Ова е прва од десетте планирани акции за подводно чистење на сите езера во нашата држава што ќе ги изведиме во текот на оваа година. Нашите активности се ограничени на подводно чистење, но ги поздравуваме сите поединци и организации што ќе посакаат да ни се приклучат.
Во рамки на акцијата, членовите на здруженијата на граѓани „Натива“- Матка и “4 СЕЛЕКТ” го собираа и селектираа отпадот долж кајакарската патека и од страната на патеката која води кон манастирот Св. Никола Шишевски. Во спроведувањето на активностите се вклучија и вработените од Јавното комуналното претпријатие Скопје, кои гопреземаа насобраниот отпад.
Активностите беа поддржани од Проектот “Подобрување на управувањето со заштитените подрачја” кој е финансиран од Европската Унија, преку ИПА 2 – Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција 2014-2020, кој го спроведува МЖСПП во соработка со УНДП. Проектот има за цел да ја подобри заштитата на природата и да промовира одржливо користење на природните ресурси, а истовремено да ги зголеми капацитетите на локалните самоуправи и граѓански организации за управување и промовирање на заштитените подрачја на професионален и одржлив начин.