Состојбата со системот за отпадни батерии и електричниот и електронски отпад во Република Македонија

thПроизводителите и увозниците на електронска опрема (од кои 95 % се увозници, а мал дел производители) од 1 јануари 2014 година имаа обврска да бидат регистрирани во Министерството за животна средина и просторно планирање и тоа го направиле повеќе од 450 субјекти – информираше заменик министерот за животна средина, Стево Темелковски во своето обраќање на денешната прес-конференција посветена на „Состојбата со системот за отпадни батерии и електричниот и електронски отпад во Република Македонија“.

Според него, во изминатиов период делумно се подобри состојбата со управувањето со отпадот од батериите, процес кој започна да се спроведува во РМ со донесувањето на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпад од батерии и акумулатори во 2012 година. По речиси три години од стапувањето на сила на овој Закон, Министерството увиде дека сеуште има потреба од силна кампања и промовирање на законот, за да се обезбеди негова подобра имплементација.

– Во секој случај, законските обврски во делот на регистарцијата се имплементирани и досега се регистрирани повеќе од 500 производители и дел од нив се веќе членови на колективните постапувачи во државата. Точните бројки за собраните количини на отпадни батерии и акумулатори ќе ги имаме по март годинава, кога согласно Законот ќе бидат доставени годишните извештаи од колективните постапувачи- најави Темелковски.

На крајот од своето обраќање, заменик министерот за животна средина го искажа очекувањето, градоначалниците, кои се непосредни чинители во овој процес, активно да продолжат со активностите започнати во изминатиот период за воспоставување на структурата за имплементација на Законот. – Oпштините се обврзани да воспостават локации каде граѓаните ќе може да ги складираат неискористливите апарати. Процесот е во тек. Град Скопје има формирано собирен центар, во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, a системи за одлагање електричен и електронски отпад се градат и во Охрид и Кочани, рече Темелковски

За несоодветно одлагање на ваквиот отпад следува глоба од 60 евра за граѓаните, а за контрола задолжени се инспекторите за животна средина.Од друга страна Министерство и во наредниот период ќе работи на кампањата за подигнување на јавната свест, со цел полесно да се воспостави еден одржлив систем на управување со овој вид на отпад.

На прес-конференцијата обраќање имаа и амбасадорот на Кралството Норвешка во Белград, Н.Е. Нилс Рагнар Камсваг, со чија помош се реализира проектот за отпадни батерии и управителот на ДОО Нула Отпад, колективен постапувач за отпадни батерии и електронски отпад, Марјанчо Дамески кој информираше дека интересот кај компаниите што увезуваат или произведуваат електричен и електронски отпад се зголемува, но тие не се доволно информирани и не знаат како треба да се спроведува.