Во Охрид се одржа првата од двете јавни расправи за Нацрт на Законот за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија III – споменик на природата.
Министерката Шукова повика на заедничкo делување и соработка, и побара поддршка на сите засегнати страни во реализацијата на процесите за заштита на ова подрачје што претставува не само национално, туку и светско природно и културно наследство.
Актот за прогласување на заштитеното подрачје Охридско Езеро содржи назив на заштитеното подрачје или природната реткост, категорија на заштита за заштитеното подрачје, географски карактеристики и други основни обележја, картографски приказ со граници на заштитеното подрачје, граници на зоните кои постојат во рамките на заштитеното подрачје, потоа типови на зони во заштитеното подрачје, режим на заштита и субјект што ќе управува и други прашања утврдени со актот за прогласување.
Нацрт-законот за прогласување на Охридско Езеро за Споменик на природата е изработен согласно Студијата за валоризација која ги детерминира природните вредности на подрачјето.
Со донесување на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата ќе се овозможи зачувување на природната состојба на езерото преку заштита на природните, културните и други вредности како единствен природен феномен во светот, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, како и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.