Ако главниот принцип на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) е преку користење на податоците на ЕИОНЕТ мрежата да ја процени на годишно ниво исполнителноста на земјите членки и соработнички, и успехот при редовното доставување на податоци и информации за повеќе медиуми во животната средина, Република Северна Македонија би требало да биде и повеќе од задоволна од последниот извештај на EIONET Core Data Flows. Имено, Core Data Flows претставува одредница и предизвик за сите земји членки и соработнички со ЕЕА, да укажат на состојбата на националните системи за мониторинг и управување со податоците за животната средина, но и за техничката подготвеност за имплементација на електронските известувања со податоци и информации кон ЕЕА, како и за човечките ресурси – експертизата на националната мрежа на експерти чиј составен дел се претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, но и од Институтот за Јавно здравје, Управа за хидрометеоролошки работи, како и од други државни институици .
Од особена важност е што ЕЕА, во известувањето за приоритетниот проток на податоци за 2018 година – EIONET Core Data Flows 2018 – ja рангира Република Северна Македонија на листата со успех од 100% за исполнителноста од барањата на ЕЕА за релевантните податоци и информации од повеќе медиуми во животната средина.
Согласно барањата, Македонскиот информативен центар за животна средина (МИЦЖС) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) спрема ЕЕА известува за квалитетот на воздухот, емисиите во воздухот, биодиверзитетот, ублажувањето на климатските промени (национални инвентари на стакленички гасови) и водата. Важно да се спомене е дека и покрај тоа што националниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот има сериозен проблем со застареноста на опремата, во изминатата 2018 година сепак и за овој медум на животната средина е обезбеден бараниот проток на податоци.
Овој успех, на МИЦЖС при МЖСПП означува своевидна одредница за земјите од Западен Балкан, бидејќи Република Северна Македонија е прва држава од регионот со постигнат највисок успех на EIONET Core Data Flows листата и е повеќе години рангирана подобро и од некои земји членки на Европска Унија.
Овој особен успех е нотиран од страна на Европката агенција за животна средина, како многу важен аспект на техничката подготвеност на Република Северна Македонија за членство во ЕЕА. И покрај фактот што членувањето на Република Северна Македонија во ЕЕА е поврзано со членството во ЕУ – техничката подготвеност за членство е потребно да биде препозната како национален приоритет, со одржливо планирање на финансиските, човечки ресурси и експертиза, како поради зголемувањето на обемот на работата во секторот животна средина во Европа, така и во однос на потребите за реализација на националните приоритети за здрава животна средина и заштита на животната средина, екосистемите, и човековото здравје и продуктивност.