Денеска во општина Свети Николе, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и евроамбасадорот Самуел Жбогар се сретнаа со градоначалниците од Источниот и Северо-источниот плански регион и компанијата “Excelor Holding Group” од Р.Бугарија која е избрана како најповолен понудувач за набавка и достава на опремата за собирање и транспорт на комунален отпад. На средбата, на која домаќин беше градоначалникот на општина Свети Николе, Сашо Велковски, се презентираше поддршката од ЕУ за 18-те општини од двата региони и општина Свети Николе за воспоставување на регионален систем за управување со отпад која започнува со релизација на првиот договор за набавка на возила за собирање и транспорт на отпад. На настанот беа презентирани активностите кои ќе се спроведуваат во рамките на овој проект од страна на компанијата. Набавката изнесува околу 8 милиони евра кои од кои 85% се грант од ЕУ, а 15% се од Владата на РСМ.
„Би сакал да ги охрабрам сите 18 градоначалници дека главната работа допрва треба да се заврши и да се продолжи со започнатиот процес. Ние, како министерство, ќе продолжиме да бидеме на располагање за да помогнеме во спроведувањето на идните проекти поврзани со овие општини и ќе обезбедиме целосна поддршка за развој на овој систем. Покрај тоа, успешното спроведување на овој регионален центар за управување со отпад ќе послужи како пример и поттик за другите региони во земјата да ги надминат нивните сомнежи и да почнат да веруваат дека таквото управување со отпад е вистинското и во моментов најдобро решение“, истакна Нуредини во воведното обраќање.
Според него, решавањето на проблемот со управувањето со отпадот во земјата бара и добива силна поддршка од највисоките владини органи, а истражувањето и мобилизцијата на сите расположиви извори за финансирање на скапите инвестиции во управувањето со отпадот и понатаму е приоритет.
Поддршката добиена од ЕУ, покрај набавка на возила за собирање, вклучува и транспорт на отпад и затворање на диви депонии, како и изградба на регионален центар за управување со отпад и трансфер-станици.
„Среќен сум што гледам напредок во управувањето со отпадот. Договорени се првите 3,6 милиони евра за обезбедување на 41 нови камиони за собирање отпад. Но, најголемиот предизвик допрва е пред нас: изградбата на центарот за управување со отпад и шест станици за пренос, прв од ваков вид во државата“ рече Жбогар.
На средбата се обратија и градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, кој што најави дека формирањето на јавното комуналното претпријатие е во завршна фаза и раководителот на секторот за соработка на делегацијата на ЕУ во Македонија, Николо Бертолини, кој што се осврна на оперативниот дел на процесот.